Иако одамна е најтрофеен играч во македонската клупска кошарка, Дамјан Стојановски од денеска е апсолутен рекордер во Купот на Македонија.
Денешниот триумф во Куманово го означи освојувањето на 11. трофеј за легендарниот кошаркар во ова натпреварување. Со тоа, тој се оддели од Перо Блажевски кој својата кариера ја заврши со 10 пехари.
Од освоените 11 пехари, Стојановски има девет со МЗТ Скопје и по еден со Вардар (2007 година) и Амак СП (2009).
Дамјан Стојановски оваа сезона ќе има можност да стане апсолутен рекордер и во македонското кошаркарско првенство. Во моментов е на делба на првото место со десет трофеи, заедно со својот брат Огнен и со Марјан Ѓуров, а со евентуален триумф со МЗТ ќе избие сам на челната позиција со што ќе испише нова страница во македонската кошарка.


