Вечерва од 20:30 часот во „Јане Сандански“ се игра последниот натпревар од четвртото коло на македонската кошаркарска Суперлига.
МЗТ Скопје го пречекува Пелистер во дербито на колото во реприза на три поранешни финалиња во плејофот и едно во Купот на Македонија. За битолскиот тим денешниот меч нема големо резултатско значење и со евентуална победа ќе си го „капариса“ МЗТ за противник во полуфиналето, но за шампионот е од голема важност во борбата за првото место пред полуфиналето. Дамјан Стојановски очекува голема борба и точно знае што му треба на неговиот тим за победа на овој меч.
„Играме против квалитетен ривал, поради што мораме да влеземе максимално подготвени во мечот – како физички, така и ментално. Во одбраната да бидеме агресивни, а во нападот трпеливи, чекајќи ја вистинската можност да го нападнеме кошот на Пелистер. Ако го направиме ова, сигурен сум дека ќе се радуваме на крајот. Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број да ни ја дадат и тоа како потребната поддршка од трибините“, рече капитенот.
На двата меѓусебни дуели на МЗТ Скопје и Пелистер славеше актуелниот шампион со тоа што на мечот пред своите навивачи победи со 14 разлика.


