Уште одамна е легенда, но од денеска капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски е апсолутен владетел во македонската кошарка, според бројот на трофеите.
Откако во февруари годинава стана најтрофеен во Купот на Македонија, од денеска Дамјан е исто така на врвот и по освоените шампионски титули во домашното првенство. Во двете натпреварувања тој има по 11 трофеи со тоа што во шампионатот ги помина својот повозрасен брат Огнен и Марјан Ѓуров.
Рекордот со десет титули важеше од 2011 година што значи дека Дамјан собори достигнување кое важеше деценија и пол. Од активните играчи, во моментов најблиску до него е Бојан Крстевски кој со оваа титула стигна до вкупно седум во кариерата.
За разлика од Огнен Стојановски, Ѓуров и Крстевски, капитенот на МЗТ Скопје сите трофеи ги освои со МЗТ Скопје што значи дека учествувал во освојувањето на 11 од вкупно 13 титули на клубот од Аеродром.


