Од утре до недела во Куманово ќе се одржи завршниот турнир од Купот на Македонија кој ќе го даде освојувачот на 34. трофеј во ова натпреварување.
Пехарот го брани МЗТ Скопје кој е и рекордер со 13 триумфи, вклучувајќи четири по ред, од 2021 година до лани. До пред седум години аеродромци беа зад својот најголем ривал Работнички, но сега се убедливо пред него, со дури три трофеи повеќе.
Посебен мотив во годинашното издание од Купот ќе има капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски. Со евентуален триумф на МЗТ Скопје, тој ќе стане најуспешен кошаркар во историјата на ова натпреварување. Во моментов го дели првото место со Перо Блажевски со по десет пехари, а Дамјан би се издвоил на првото место ако и овојпат успее да триумфира. Последниот пехар Блажевски го освои во 2011 година што значи дека Дамјан би соборил рекорд стар 15 години.
Интересно е тоа што, од активните кошаркари, ниеден не му е конкуренција на легендарниот капитен на МЗТ Скопје. Најблиску се неговиот брат Војдан и Бојан Крстевски, со по пет титули во Купот.
Семејството Стојановски (Огнен, Војдан и Дамјан) досега има 23 трофеи во Купот на Македонија и ако МЗТ Скопје триумфира во Куманово, оваа бројка ќе се искачи на 25.


