Денеска и утре на програмата е четвртото коло од Првата македонска кошаркарска лига од кое четири натпревари се играат во Скопје.
Денеска од 17:30, МКК Куманово првпат во својата кратка историја ќе се сретне со актуелниот шампион МЗТ Скопје. За жал, натпреварот се игра без публика, поради казната на аеродромци од дербито со Работнички минатиот викенд. Со тоа е скратена можноста за убава атмосфера бидејќи навивачи од Куманово планираа да дојдат во „Јане Сандански“. По подолго време, ова ќе биде и прв дуел на најтрофејниот македонски стручњак Марин Докузовски против МЗТ Скопје кого го водеше во сезоната 2000/01.
Дербито на колото е утре во Кале каде Работнички, исто така без публика, ќе го пречека непоразениот Чаир. За тимот од Градски парк ова е сериозен тест, а не смее да си дозволи нов пораз откако минатиот викенд загуби од МЗТ Скопје, а потоа и од Босна во АБА 2 лигата. Чаирчани се најпријатно изненадување сезонава во елитата и не само што се несовладани досега, туку го држат првото место поради подобрата кош-разлика во однос на Пелистер и ТФТ.
По четвртото коло ќе остане само една екипа без победа бидејќи во меѓусебен дуел се среќаваат Шкупи и Вардар кои досега не успеаја да остварат ниеден триумф.
ДВОЈКИ
ДЕНЕСКА
МЗТ Скопје – МКК Куманово 17:30
Шкупи – Вардар 18:00
Гостивар – Пелистер 18:00
Кожув – Тиквеш 18:00
УТРЕ
Работнички – Чаир 18:00
Феникс – ТФТ 18:00


