Првпат по 2014 година, екипата на Црвена Звезда нема да игра во големото финале од АБА лигата откако бранителот на титулата вечерва доживеа елиминација од Будуќност.
Во „мајсторката“ од полуфиналната серија, црногорскиот првак славеше со 81-78, благодарение на тројката што во последната секунда ја постигна МВП од основниот дел на сезоната Мекинли Рајт. За Будуќност, тоа ќе биде прво финале по пауза од четири години, а вкупно четврто во историјата.
Будуќност беше во предност во поголемиот дел од мечот, на четири минути пред крајот водеше со 73-68 и имаше напад, но не постигна кош и Звезда го искористи тоа за со серија од 8-2 да ја преземе предноста. Еден од клучните моменти на мечот се случи на 54 секунди пред крајот, при водство на домаќините од 77-76, кога Браун постигна кош, но му беше поништен поради истек на 24. секунди иако никој не беше целосно уверен дека времето е поминато. Во следниот напад Рајт погоди само едно слободно фрлање за +2 и на Звезда ѝ останаа 12 секунди да организира напад. Искористи само пет од нив бидејќи Добриќ реализираше за израмнување, па Будуќност доби шанса да го решава победникот. Одговорност ја презеде Рајт кој шутираше преку човек, но погоди „без коски“ за огромна победа на тимот од Подгорица.
Во финалето, Будуќност ќе игра против Партизан и тоа ќе биде првпат во историјата овие две екипи да се сретнат во серијата за титулата. Црногорците ќе ја имаат предноста на домашниот терен затоа што беа првопласирани по основниот дел од сезоната, а се игра до три победи.


