Македонската кошаркарска репрезентација се пласира во следната фаза од претквалификациите за Европското првенство, на коло пред крајот на првиот сегмент.
Нашиот национален тим остана со максимален ефект откако вечерва на домашен терен ја совлада Ирска со 77-56, па мечот од последното коло, против Луксембург в недела ќе биде само формалност и без никакво резултатско значење. Иако некомплетна, македонската репрезентација одигра на високо ниво и освен во првата четвртина, беше апсолутно подобар тим.
Ирците добро го отворија натпреварот, благодарение на шутот од дистанца. Водеа со 6-2 по тројките на Флуд и Алаџики, а продолжија така до крајот на првата четвртина во која постигнаа четири тројки од вкупно 16 поени. Сепак, благодарение на серијата од 8-0 во финишот на тој квартал, Македонија отиде на 23-16, а потоа следуваше чиста демонстрација на моќ.
Кон средината на втората четвртина првпат имавме двоцифрено водство (29-18), нешто подоцна водевме и со 15 разлика (36-21) за во третиот период веќе се да биде решено откако Македонија отиде на +20 (57-37). Доминацијата на нашиот национален тим беше можност селекторот Берокал да ги внесе во игра сите кошаркари кои ги имаше на располагање на овој натпревар.
Апсолутен лидер на македонската репрезентација и денеска беше Андреј Јакимовски кој оствари нов дабл дабл, со 19 поени и 13 скока, за индекс 24, највисок во нашиот тим. Двоцифрен беше и Виктор Ефремовски кој долго се мачеше со шутот, но постигна 12 поени, како и капитенот Војдан Стојановски кој постигна 10 поени од кои две тројки во мошне важни моменти.
Македонија сега секако е прва во својата група и продолжува во следната претквалификациска фаза, а до недела ќе ги добие и потенцијалните противници во следниот сегмент на патот кон континенталниот шампионат.


