Откако ТФТ обезбеди пласман во плејофот од АБА 2, денеска МЗТ Скопје ќе се обиде да го направи истото иако задачата на актуелниот шампион на Македонија ќе биде драстично потешка.
„Штрковите“ кои вчера го прославија 60. роденден на клубот, гостуваат кај најдобриот тим во лигата Широки и мораат не само да го победат, туку разликата да изнесува најмалку 15 поени. Јасно е дека пред нив е исклучително тешка мисија, но јунаците на мака се познаваат, па ова ќе биде своевиден плејоф тест за 12-кратниот шампион на Македонија.
„Свесни сме дека се соочуваме со огромен императив да победиме на теренот против еден од најдобрите тимови оваа сезона во АБА2, а згора на тоа, триумфот мора да биде што е можно поубедлив. Секако, нема да се откажеме однапред, но ќе играме со максимална борбеност и фокус до последниот звук на сирената. Ќе се потрудиме да ги освоиме бодовите со потребната разлика за да се пласираме во плејофот, а дали ќе успееме во тоа ќе покаже во 40-те минути од овој натпревар“, рече тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.
Натпреварот во Широки Бријег се игра од 20 часот и со него официјално завршува лигашки дел во АБА 2.


