Откако изутринава неше притворен евролигашкиот судија Урош Николиќ под сомнение дека бил член на криминален клан, апсењата на лица од кошаркарскиот свет продолжија во САД каде зад решетки завршија две познати имиња.
Станува збор за кошаркарот на Мајами, Тери Розир и тренерот на Портланд, Чонси Билапс кои се приведени затоа што нелегално се обложувале.
Розир е уапсен во хотел во Орландо, неколку часа откако неговиот тим загуби од истоимениот тим на дуел во кој гореспомнатиот кошаркар не играше поради тренерска одлука. Истрагата се однесува на сомнителни облози на неговата статистика за време на натпреварот помеѓу Шарлот и Њу Орлеанс на 23 март 2023 година. Спортските обложувалници во неколку држави пријавиле невообичаено висок интерес за обложување на помалку поени, скокови и асистенции за Розир, вклучувајќи 30 облози за 46 минути од еден професионален обложувач во вкупен износ од 13.759 долари, што довело до привремено прекинување на обложувањето на ветеранот. Розир, тогашен играч на Шарлот, играше само 10 минути, наведувајќи повреда на стапалото.
Неговиот адвокат, Џим Трасти, претходно изјави дека Розир соработувал со претставници на НБА и ФБИ постојано во 2023 година и дека истрагите во тоа време не пронашле неправилности. НБА, исто така, го разгледа случајот во тоа време и не пронашла никакви прекршувања на правилата на лигата.
Тренерот на Портланд Треил Блејзерс, Чонси Билапс, беше уапсен во раните утрински часови како дел од истрагата што ја води ФБИ под сомнение за вмешаност во нелегални активности поврзани со спортско обложување.
Билапс беше приведен, според американските медиуми, како дел од поширока истрага за манипулација со обложување во НБА, во која „настрада“ и Розер. Истражителите веруваат дека одредени членови на лигата биле поврзани со организирана мрежа за обложување, но сè уште не е познато дали обвиненијата се директно поврзани со натпреварите во кои Билапс учествувал како тренер.
Чонси Билапс е легенда на НБА лигата и МВП на финалето од 2004 година кога Детроит ја шокира светската кошаркарска јавност, совладувајќи го Лејкерс во чии редови беа Коби Брајант, Шекил Онил, Карл Мелоун, Гери Пејтон итн. Билапс и Розир се суспендирани од НБА, па на клупата на Портланд привремено ќе биде поранешниот тренер на Париз, Тијаго Сплитер кој од оваа сезона е асистент во тимот од Орегон.


