Црногорскиот шампион игра во одлична форма и победа против Црвена Звезда не е изненадување и покрај тоа што белградскиот тим е евролигаш.
Изненадување е триумфот од 22 разлика (84-62) кој е рекорден за Будуќност во дуелите со првакот на Србија. До денеска, највисока победа на оваа екипа против Звезда беше онаа од пред три години кога славеше со 83-63.
За доминацијата на домашниот тим најдобро зборува фактот што Звезда само два пати беше во водство и тоа минимално, во првата четвртина. Се понатаму помина во знакот на Будуќност која ја оствари шестата победа во низа во АБА лигата и вкупно 19. сезонава, по што екипата од Подгорица застана на второто место на табелата, пред Партизан.
Со оглед на формата на Будуќност, како и заморот кај играчите на Звезда, нема да биде изненадување ако Црногорците го нападнат и првото место на табелата бидејќи имаат две победи помалку од актуелниот лидер, а подобра кош-разлика во меѓусебните дуели.


