Легендарниот НБА плејмејкер Расел Вестбрук пред почетокот на сезоната беше најавен како големо засилување за Денвер Нагетс и играч кој може да го врати тимот на шампионските патеки и покрај тоа што тој самиот никогаш не ја освоил титулата.
Ако се земат предвид првите два натпревара од дебитантската сезона во Колорадо, импресиите, а и прогнозите не се сјајни. Рекордерот по бројот на трипл дабл натпревари во НБА лигата досега има минимален придонес во играта и резултатите на својот тим, а неговиот шут е посебна приказна.
Во двата меча учествуваше со вкупно осум поени и шут за тројка 2/18 со што повеќе му одмогна, отколку што му помогна на Денвер. Јасно е дека во тимот се се врти околу Јокиќ и Мареј кога станува збор за нападот, но Вестбрук не се истакнува многу ни со организацијата на играта, па за 40 одиграни минути против Оклахома и Клиперс, оствари вкупно седум асистенции.
Тоа е една од причините што Денвер ја почна сезоната со 0/2 и засега не изгледа како тим кој може да се бори за титулата. Ако Вестбрук нешто не смени во својата игра, само ќе потврди дека Нагетс многу промашија со неговото ангажирање.


