Непосредно по објавата на информацијата дека ја прекинува соработката со Мајк Мелоун, Денвер Нагетс соопшти кој ќе го води тимот до крајот на сезоната.
Честа, но и голема обврска, ја доби 44-годишниот Дејвид Аделман кој последните осум години беше во стручниот штаб на Мелоун. Тој е син на далеку попознатиот Рик Аделман, тренер кој имаше блескава 37-годишна кариера во кој период ги водеше Портланд, Голден Стејт, Сакраменто, Хјустон и Минесота и има вкупно 1.072 победи во НБА лигата.
Дејвид Аделман од 2002 година работи како тренер, прво водеше средношколски екипи, а од 2011 година е во НБА, но главно како асистент или човек кој се грижи за развојот на кошаркарите. Пет години помина во Минесота, една во Орландо и последните осум како помошник на Мелоун. Од оваа недела, првпат во кариерата ќе биде главен тренер.
До крајот на основниот дел од сезоната, Денвер има уште три натпревари, против Сакраменто, Мемфис и Хјустон по што ќе се знае дали ќе продолжи во плејофот или плејинот. Во моментов екипата е во серија од четири порази, а своето деби на новата позиција, Аделман ќе го забележи утре вечер, на гости кај Сакраменто.


