Репрезентацијата на Турција со максимален ефект ја заврши групната фаза од Европското првенство откако вечерва славеше во дербито на последното коло против Србија со 95-90.
Со тоа го освои првото место во групата А и ќе има нешто полесен пат во натамошниот дел од првенството бидејќи го избегна светскиот шампион Германија до финалето. Србија добро се држеше во најголемиот дел од мечот, но не ги издржа проблемите со повреди поради кои селекторот Светислав Пешиќ во второто полувреме можеше да смета на само деветмина кошаркари. Богдановиќ веќе го напушти првенството, вчера се повреди Тристан Вукчевиќ, а во првото полувреме и плејмејкерот Алекса Аврамовиќ кој не играше во вториот дел. На сето тоа, доволно опоравен не беше ни Василије Мициќ иако тој стегна заби и помогна колку што можеше.
И во такви услови победникот се решаваше во последната минута. На 61 секунда пред крајот Јокиќ по еден офанзивен скок ја донесе Србија во водство од 90-89, но излезе дека тоа е последен кош на оваа селекција на мечот. Шенѓун потоа погоди две слободни фрлања, останаа 40-тина секунди, но Гудуриќ во следниот напад ја загуби топката по што Ларкин исто така два пати беше прецизен од пенал-линијата. По тајмаутот, Јокиќ мораше да шутира од далечина, не успеа да погоди и Шенѓун стави точка на мечот. Нејасно е зошто Пешиќ не повика тајмаут при клучниот напад, пред Гудуриќ да ја загуби топката бидејќи имаше можност да нацрта акција што можеби ќе ѝ донесеше победа на неговата репрезентација.
Алперен Шенѓун одигра извонреден натпревар и ја доби битката со Никола Јокиќ. Беше на чекор од трипл дабл, постигнувајќи 28 поени, 13 скока и 8 асистенции, за индекс 37, а на ниво беа и Ларкин со 23 поени и 9 асистенции и Осман со 16 поени, вклучувајќи четири тројки. Турците имаа фантастичен шут од дистанца, реализираа дури 18 тројки од 31 обид што беше еден од клучните фактори за победата.
Никола Јокиќ со 22 поена и 9 скока ги предводеше Србите, Гудуриќ имаше одлични секвенци, но сето тоа го поништи со загубената топка, а фантастичен меч имаше Стефан Јовиќ кој постигна 10 поени, 6 асистенции и 3 скока, но Пешиќ во финишот го заборави на клупа.
Во осминафиналето, Турција ќе се сретне со репрезентацијата на Шведска, додека Србија за противник ќе ја има Финска.


