Македонскиот шампион МЗТ Скопје продолжува со комплетирањето на ростерот за новата сезона, откако денеска официјално го промовира репрезентативецот Петар Бошалески како најново засилување.
Крилниот играч има 22 години, висок е 197 сантиметри и игра на позицијата бек-шутер. Ги мина сите младински национални селекции, а во времето на Александар Јончевски дебитираше и за сениорската репрезентација на Македонија, во претквалификациите за Олимписките игри.
Охриѓанецот е производ на школата на Работнички каде и дебитираше во сениорската кошарка, на само 16 години. Потоа играше во Пелистер, додека минатата сезона беше еден од најдобрите кошаркари на Тиквеш. На 27 натпревари имаше просек од 12,4 поени, 5,6 скока и две асистенции, партии со кои го привлече вниманието и повторно се избори за повик во сениорската репрезентација. Летово Бошалески беше пред договор со МКК Куманово, но во последен момент ја одби понудата од финалистот во Купот и одлучи да се пресели во Аеродром.
Бошалески е трето домашно засилување за МЗТ ова лето, по повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. Аеродромци досега ангажираа и четворица странци – Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, босанскиот центар Емир Крајиниќ и српскиот центар Димитрије Николиќ. Договори со актуелниот македонски шампион имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека Васко Атанасов останува на тренерската позиција. МЗТ Скопје во новата сезона ќе настапува на три фронта – во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.


