По пауза од четири години, Струмица повторно ќе игра во Суперлигата, што е особено значајно за еден од најпознатите кошаркарски центри во земјата.
Струмичкиот клуб беше најдобар во текот на целата сезона и заслужено избори место во елитата имајќи предвид дека речиси постојано се наоѓаше на првото место. Екипата имаше неколку искусни кошаркари од кои најмногу се истакна репрезентативецот Димитар Пандев, освојувач на шампионска титула во македонското првенство со МЗТ Скопје кој по епизодите во Кожув и Пелистер се врати во родниот град. Со своето искуство, Пандев ѝ помогна на екипата да ја оствари целта, а откако заврши сезоната, најавува дека Струмица нема да игра епизодна улога во елитата.
„Мислам дека покажавме доминација во текот на целата сезона и затоа бевме први и во регуларниот дел и во плејофот. Ја завршивме кампањата со само 3 порази, од кои само еден беше на домашен терен. Ја вративме Струмица таму каде што припаѓа и знам дека сите се среќни бидејќи градот ја сака кошарката. Среќен сум што во последните неколку натпревари салатата беше исполнета и целиот град ме поддржа и препозна она што го градевме во текот на целата сезона.
Визијата на првиот човек на клубот Илија Христов и тренерот Златко Зетов кога дојдов беше да бидеме шампиони и да влеземе во Суперлигата. Очекувањата за следната сезона се, пред се, да вратиме уште повеќе фанови на спортот, но тоа ќе го направиме само со добри резултати. Мислам дека Струмица има визија и желба да биде изненадување следната година во Суперлигата“, смета Пандев.
За неговата лидерска улога во екипата, најдобро зборува фактот што имаше просек од околу 25 поени на натпревар, а ја предводеше Струмица во најважните натпревари. Против Вардар во плејофот постигна 46 поени, додека во клучниот меч со Бутел, кој директно одлучуваше кој ќе оди во Суперлигата, броеше до 30.


