Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ имаше уште едно блескаво издание во дресот на Уникс во ВТБ лигата.
Бранителот на титулата во ова натпреварување обезбеди уште еден пласман во големото финале, а убедливо најзаслужен за тоа е токму нашиот плејмејкер. Во денешната „мајсторка“, Уникс го победи Локомотив Кубан со 92-87 во меч кој беше неизвесен до последните две минути кога на сцена стапи Димитријевиќ.
И претходно беше незадржлив за противничките кошаркари, но при резултат 83-83, македонскиот кошаркар постигна седум поени по ред и на 20 секунди пред крајот Уникс имаше недостижни 90-83. Димитријевиќ го заврши натреварот како најдобар стрелец со 31 поен (5/12 за два, 4/8 за три, 9/10 од линијата за слободни фрлања) плус 6 скока и 6 асистенции за индекс 39, убедливо највисок на мечот.
Во големото финале, Уникс ќе игра против ЦСКА и ќе ја има предноста на домашниот терен бидејќи основниот дел од сезоната го заврши на првата позиција.


