Слично како селекторот, Ненад Димитријевиќ верува дека македонската репрезентација на ревашот во Талин ќе ја надополни негативата и ќе ги задржи шансите за пласман на Европското првенство.
Димитријевиќ се врати во националниот тим по пауза од 18 месеци и повторно беше најефикасен. Тој ја објасни и ситуацијата од последната четвртина кога се повреди и мораше привремено да го напушти теренот.
„Ова беше тежок натпревар, се соочивме со добар противник, ги знаевме неговите квалитети, знаевме дека многу трчаат. Мислам дека одигравме одлично прво полувреме, но во второто ни снема сила, вклучувајќи ме и мене.
Имаме втор натпревар на гостински терен, исто така остануваат уште четири други дуели, ќе се обидеме да ја надополниме негативата.
Што се однесува до повредата, добив силен грч. Не знам што точно се случи, првпат сезонава почувствував вакво нешто и штета е што денеска го доживеав тоа“, рече Димитријевиќ.


