Олимпија Милано се соочува со голема криза со високи кошаркари на почетокот од сезоната бидејќи во моментов Џош Нибо, Усман Диоп и Дејвид Мекормак се надвор од тимот пореади повреди.
Единствен здрав центар во екипата е Гиљелмо Карузо, па Месина на позицијата 5 принудно го користи Зек Ледеј, но тој не е доволно висок и Олимпија има проблем под кошевите. Поради тоа, клубот е во потрага по центар кој ќе може да помогне во тешкиот период, а изборот паднал на искусниот американски кошаркар Робин Лопес.
Тој е брат-близна на многу попознатиот Брук Лопес, но нема толку блескава кариера како него и покрај тоа што 16 сезони помина во НБА. Избран на драфтот во 2008 година, забележа 992 настапа во НБА за екипите на Феникс, Њу Орлеанс, Портланд, Њујорк, Милвоки, Вашингтон, Орландо и Кливленд. Проблем е тоа што е без тим од февруари годинава кога Милвоки го испрати во Сакраменто, но веднаш доби отказ и оттогаш е слободен играч.
Сепак, Олимпија Милано нема голем избор бидејќи пазарот е „краток“ со високи кошаркари, па и покрај тоа што Лопез има 36 години, има големи шанси во следните денови да му стане соиграч на Димитријевиќ. Пред два дена италијанскиот шампион се засили со Нико Менион кој му е директна конкуренција на нашиот репрезентативец, а дојде од тимот на Варезе.


