По 18 месеци, во репрезентацијата на Македонија се враќа Ненад Димитријевиќ кој ќе биде најголем адут на нашиот тим.
Веќе во зрели кошаркарски години, плејмејкерот на Уникс ќе се обиде да ја понесе селекцијата до триумф што ќе ни ги зголеми шансите за прв пласман на Европско првенство по пауза од една деценија. Пред мечот со Естонија, Димитријевиќ побара поддршка од навивачите, исто како на 28 август 2022 година против Словачка кој е негов последен настап во репрезентацијата на Македонија.
„Ги знаеме квалитетите на естонската репрезентација, силна екипа со евролигашки играчи, но мислам дека ќе бидеме подготвени. Не сакаме притисокот да биде врз денешниот меч бидејќи остануваат уште пет натпревари. Знаеме дека е важно да се сочува домашниот терен во овие квалификации и ќе се обидеме да извојуваме победа против Естонија.
Очекувањата од навивачите прават притисок и малку се нереални. Живееме во други времиња, ние сме друга генерација и мислам дека фановите треба да ни бидат поддршка во секој момент“, изјави Димитријевиќ.


