Откако во понеделникот ја предводеше македонската репрезентација до победа против Полска во квалификациите за Европското првенство, Ненад Димитријевиќ денеска го однесе Уникс на првото место на табелата во ВТБ лигата.
Тимот од Казан го победи Локомотив Кубан со 80-76 и го искористи вчерашниот пораз на ЦСКА за да застане на челната позиција на табелата во ВТБ лигата. Двете екипи имаат ист број бодови (50), но Уникс има подобра кош-разлика и е нов лидер.
Димитријевиќ помина 29 минути во игра и повторно беше најдобар во својот тим и ја истакна својата кандидатура за МВП на сезоната. Особено фантастично играше во првото полувреме во кое постигна 18 од своите 23 поени и долго време беше без промашување од игра и од линијата за слободни фрлања. Далеку зад него остана Маркус Најт со 15 поени.
Директниот дуел за првото место се игра идната недела, меѓу Уникс и ЦСКА, но до крајот на основниот дел на сезоната двете екипи ќе имаат доволно време да поправат евентиален кикс.


