Првпат оваа сезона, македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ заврши натпревар без поени во дресот на Олимпија Милано.
Италијанскиот шампион го доживеа третиот пораз по ред откако на домашен терен загуби од Анадолу Ефес со 84-96, пред се поради очајното прво полувреме кое го заврши со минус од 21 поен (25-46). Во третата четвртина го поправи впечатокот, успеа од -22 да се доближи на само пет негатива, но Анадолу Ефес не дозволи сензација како што направи Баерн во претходното коло против Олимпија Милано.
Димитријевиќ имаше просек од 9,2 поена по првите четири кола од Евролигата, но по денешниот натпревар ефектот падна на 7,4. Интересно е тоа што упати само два шута, двата за тројка, а оствари една асистенција и загуби една топка. За волја на вистината, денеска и помина најмалку време на теренот, само 13 минути.
Олимпија Милано сега има биланс 1/4 и заедно со Виртус и Алба се наоѓа на делба на последната позиција на табелата во Евролигата.


