Италијанскиот првак Олимпија Милано го претрпе петтиот пораз во шесте кола од Евролигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Басконија со 83-88.
Гостинскиот тим речиси цел натпревар беше во негатива, во вториот период заостануваше и 11 разлика, но во финишотдоби шанса да дојде до победа. Тоа, пред се, се должеше на блесокот на Ненад Димитријевиќ кој 12 од своите 15 поени постигна во последните 14 минути од натпреварот.
Благодарение на македонскиот репрезентативец, Олимпија Милано се доближи на 68-69 на стартот од последниот период, а на шест минути пред крајот Димитријевиќ израмни на 74-74. Изненадувачки, две минути подоцна нашиот кошаркар беше повлечен од игра иако немаше проблеми со лични грешки, а Басконија го искористи тоа за повторно да ја преземе контролата над резултатот. Се врати во игра на минута пред крајот, но други решаваа во клучните моменти и Олимпија Милано, сепак, доживеа пораз.
Димитријевиќ беше трет стрелец во својот тим, зад Миротиќ кој постигна 21 и Брукс кој додаде 17. Тренерот Еторе Месина не беше на клупата на овој меч поради здравствени проблеми.
РЕЗУЛТАТИ
Анадолу Ефес – Барселона 88-97
Алба – Париз 83-92
Фенербахче – Макаби 84-82
Олимпијакос – Реал 79-69
Басконија – Милано 88-83
Виртус – Баерн 84-85


