Викендов се игра последното коло од основниот дел во ВТБ лигата, а дербито е денеска од 17 часот во Казан каде Уникс ќе ја пречека ЦСКА во директен дуел за првото место.
Во пресрет на дербито на сезоната, двете екипи се израмнети со биланс 25/10, колку што има и Зенит, но тимот од Санкт Петербург нема шанси за првата позиција, без разлика кој ќе триумфира во Казан. Оној што ќе слави на дуелот меѓу Уникс и ЦСКА ќе биде првопласиран пред плејофот, додека поразениот можеби нема да биде ни втор, ако Зенит ја победи Парма.
Ова значи дека првата позиција ќе ја освои еден од македонските интернационалци – тренерот на ЦСКА, Емил Рајковиќ или нашиот најдобар кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ кој е прв адут на Уникс. Исто така, овие две екипи нема да можат да се сретнат пред финалето.
Евентуален триумф на Уникс многу веројатно ќе значи дека Димитријевиќ ќе биде прогласен за МВП на лигашкиот дел од ВТБ лигата. Ако слави ЦСКА, Емил Рајковиќ ќе биде главен кандидат за уште едно признание за тренер на сезоната, трето во неговата кариера.


