Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ имаше блескаво второ полувреме на дебито во Евролигата, но не успеа да го спаси својот тим Олимпија од пораз на гостувањето кај Монако.
Домаќините славеа со 93-80, пред се поради фантастичниот старт и одличното прво полувреме кое го доби со 47-26. Во продолжение се разигра Димитријевиќ, па Олимпија го доби вториот дел со вкупни 54-46, но тоа не беше доволно ни да се избегне двоцифрен пораз.
Како утеха за нашиот кошаркар е тоа што беше најдобар во тимот на Олимпија Милано. Сите свои 11 поени (1/2 за три, 3/6 за два, 2/2 од линијата за слободни фрлања) ги постигна во второто полувреме, поефикасен од него беше Брукс кој реализира 16, а Димитријевиќ, Брукс и Ледеј имаа највисок индекс кај италијанскиот шампион – 15. Сепак, македонскиот кошаркар беше прв скокач (6 скока) и асистент (5 асистенции) кај Олимпија.
Првата победа во Евролигата за оваа сезона, Олимпија Милано ќе ја брка во второто коло против Париз што ќе биде директен дуел на македонските репрезентативци Димитријевиќ и Шортс.


