Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ одигра одличен натпревар во убедливата победа на Арис над Дертона од 88-68, со која грчкиот тим го продолжи перфектниот старт во Еврокупот и стигна до третата победа во исто толку натпревари.
Димитријевиќ уште од почетокот покажа дека е расположен за игра. Во првата четвртина постигна девет поени, а со своите продори и сигурни реализации создаваше сериозни проблеми за одбраната на италијанскиот состав. Македонскиот плејмејкер на крајот го заврши натпреварот со 15 поени, четири скока и четири асистенции, потврдувајќи ја својата важна улога во тимот од Солун.
Арис го отвори мечот фуриозно и првата четвртина ја доби со 31-21, но Дертона успеа да се врати во игра и на полувремето да ја намали разликата на само еден поен (45-44). Домашните потоа повторно ја презедоа контролата, а во последната четвртина целосно го скршија отпорот на гостите. Во второто полувреме Арис одигра одлична одбрана и прими само 24 поени.
Најефикасен кај Арис беше Метју Морган со 23 поени, додека Џеремаја Робинсон-Ерл придонесе со 19 поени и девет скока. Дертона немаше одговор за налетот на домаќините во завршницата и на крајот претрпе убедлив пораз.


