Кошаркарите на Хапоел Тел Авив, раководството на клубот, тренерскиот персонал и сопственикот останаа во соблекувалната повеќе од два часа, напуштајќи ја салата околу 1:25 часот по полноќ, по синоќешниот пораз на домашен терен од Баерн Минхен.
Главниот тренер на Хапоел, Димитрис Итудис, беше видливо фрустриран откако неговиот тим го претрпе вториот пораз по ред во Евролигата. Баерн доминираше и лесно дојде до триумфот со 15 разлика, против досегашниот лидер во Евролигата, што наводно доведе до тоа Итудис да одржи долг и мошне бурен говор во соблекувалната по натпреварот. Поради тоа грчкиот стручњак не се појави на прес-конференцијата по натпреварот, ниту пак даде каква било изјава. Според извештаите, на удар биле Василије Мициќ и Илајџа Брајант, првиот затоа што влегол во конфликт со Итудис, а вториот бидејќи навивачите му замеруваат за ноншалантност и затоа што го пропушти третиот натпревар по ред. Капак на се беа свирежите од навивачите кои отворено го покажаа своето незадоволство од играта на нивниот омилен тим.
Дел од овој меч беше и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој се прикажа во солидно издание и со 11 поени беше трет стрелец во својот тим.
По вториот пораз по ред во Евролигата, Хапоел повеќе не е на врвот на табелата – моментално е изедначен на второто место со уште четири екипи, со биланс 16/9.


