По пауза од 18 месеци, Ненад Димитријевиќ повторно е дел од македонската сениорска репрезентација.
Еден од најдобрите македонски кошаркари се враќа во националниот дрес во исклучително важен момент, бидејќи Македонија ја очекува гостувањето кај Австрија во рамките на втората фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Димитријевиќ со големи амбиции го започнува новиот репрезентативен циклус, а првиот предизвик ќе биде незгодната австриска селекција. Македонскиот капитен добро го познава противникот и верува дека неколкуте денови заедничка работа ќе бидат доволни за тимот да се подготви за важниот дуел во Виена.
„За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра ‘ран енд ган’ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имавме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа“, вели Димитријевиќ.
Голема новина во репрезентативниот состав е и Мозес Рајт, кој треба да биде главниот адут на Македонија под кошевите по повредата на Итан Хап. Димитријевиќ верува дека со американскиот центар може да изгради одлично партнерство.
„Претходно под кошевите Итан Хап го имавме како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда, тоа ни беше хендикеп во претходните квалификации со Естонија. Сега го добиваме Мозес Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со останатите играчи ќе дојдеме до успех“, истакнува новиот играч на ПАОК.
За Димитријевиќ, враќањето во националниот тим има и посебна емотивна тежина. Целта на Македонија е да се избори за пласман на Европското првенство во 2029 година, а искусниот кошаркар не крие дека ова би можело да биде неговата последна можност повторно да настапи на континенталниот шампионат со репрезентацијата.
„Наша цел е настап на следното Европско првенство, за мене тоа ќе биде последна шанса да играм на еден континентален шампионат со Македонија и ќе дадам сè од себе да го оствариме тоа“, порача Димитријевиќ.
Македонската репрезентација подготовките ги започна во Скопје, каде што ќе работи до петок, по што ќе отпатува за Виена. Натпреварот против Австрија е закажан за в недела од 16:05 часот и може да има огромно значење во битката за првото место во групата


