Српскиот и АБА шампион Партизан традиционално ќе ја отвори новата сезона со натпревар на отворено, на Ташмајдан, а оваа сезона, место еден натпревар, ќе организира турнир.
Иако од клубот уште нема официјална потврда, српските медиуми објавија дека на турнирот ќе учествуваат екипите на ПАОК и Зенит. Тоа значи дека и македонскиот репрезентативец ќе му биде гостин на Партизан, клуб со кој се поврзуваше неколку пати последните години, но до соработка не дојде.
Турнирот ќе се одржи од 11 до 13 септември, првиот ден ќе се сретнат Партизан и ПАОК, вториот ќе играат ПАОК и Зенит, а Димитријевиќ ќе излезе против „црно-белите“ на 13 септември. Зенит и пред крајот на септември ќе допатува во Белград каде ќе учествува на ВТБ Суперкупот, заедно со ЦСКА, Црвена Звезда и Дубаи.
Првпат Партизан организираше натпревар на отворено во 2023 година кога на Ташмајдан гостуваше Фуенланбрада, шпански прволигаш со кого белградскиот клуб е тесно поврзан. Лани „црно-белите“ се обидоа да организираат натпревар на Калемегдан, но лошите временски услови ги расипаа плановите и тој се играше на белградскиот Саем.


