Најдобриот македонски кошаркар во моментов Ненад Димитријевиќ веќе еден месец е надвор од тимот на Зенит.
Причина за неговото отсуство е фрактура на прст на ногата поради што последен пат играше на официјален натпревар на 4 октомври против Уникс на домашен терен кога неговиот Зенит доживеа пораз со 77-104. Тој е еден од само двата меча на кои настапи Димитријевиќ оваа сезона откако претходно играше и против Автодор. Тие два натпревара се единствени официјални во последните шест месеци за 27-годишниот кошаркар кој прво беше во немилост на Еторе Месина, потоа ги пропушти претквалификациите за Светското првенство, а сега и се повреди.
Информациите од клубот велат рехабилитацијата оди според планот и дека македонскиот плејмејкер е под посебна програма во моментов, а паузата би требало да трае уште околу две недели, но не е исклучено да биде продолжена. На крајот од ноември, македонската репрезентација ја очекува стартот на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година и не е исклучено повторно во составот да не биде Димитријевиќ иако, неофицијално, тој изразил желба да игра против Азербејџан и Ирска.
Што се однесува до Зенит, денеска загуби на гостувањето кај Енисеј и во моментов, со биланс 5/3 се наоѓа на шестата позиција на табелата. Во меѓувреме остана и без еден од најдобрите во составот Алекс Појтрес кој има тешка повреда на вкрстените лигаменти на коленото и за него сезоната е завршена.


