Српскиот и АБА шампион, Партизан ја прекина серијата од седум порази во Евролигата откако вечерва славеше на гостувањето кај Баерн со 67-63.
Последниот триумф во елитното натпреварување, „црно-белите“ го остварија на 13 декември против Црвена Звезда, а последен пат како гости славеа на 17 октомври кај Басконија. Неефикасниот и неатрактивен натпревар, на две екипи кои немаат шанси да се пласираат во плејинот или плејофот, беше решен во последната четвртина во која Партизан направи пресврт и од -4 отиде на +9 кои се покажаа доволни за победа.
Добар настап во дресот на Баерн забележа македонскиот репрезентативец Ненад Димтиријевиќ кој беше еден од тројцата двоцифрени во својот тим, со 10 поени.
Исклучително важна победа во ова коло оствари и Црвена Звезда која славеше на гостувањето кај Монако (100-96 по продолжение) и на францускиот прволигаш му ја прекина серијата од шест порази. Во исто време Звезда се задржа на десеттата позиција и ги продолжи надежите за пласман во плејинот.
РЕЗУЛТАТИ
Олимпијакос – Макаби 100-93
Хапоел – Анадолу Ефес 71-66
Монако – Црвена Звезда 96-100
Асвел – Жалгирис 77-96
Панатинаикос – Басконија 93-74
Барселона – Дубаи 91-89
Баерн – Партизан 63-67
Валенсија – Париз 98-84
Реал – Олимпија Милано 106-77


