За три дена во Македонија почнува Европското кадетско првенство Б-дивизија, а ФИБА деновиве потсети на историските индивидуални успеси во овие натпреварувања.
Меѓу најдобрите на нив има и неколку Македонци кои подоцна остварија блескави кариери, а оставија длабоки траги на првенствата. Ненад Димитријевиќ е најдобар асистент во историјата на овие шампионати со 74 додавања на едно првенство или во просек по 9,3. Тоа му успеа на првенството во 2014 година што се одржа во Скопје, а на истото постави и рекорд по бројот на асистенции на еден натпревар, со 15 против Грузија.
Во историските книги е и Кристијан Николов кој на Европското првенство во 2012 година во Романија просечно постигнуваше по 25,9 поени на натпревар, вкупно реализира 207 и со тоа се наоѓа на второто место во историјата на овие шампионати.
Своите имиња меѓу најдобрите ги запишаа и други македонски кошаркари. Андреј Магдевски во 2012 година постигна 37 поени против БиХ и со тоа се наоѓа на седмото место на најефикасни играчи на еден натпревар во историјата на европските првенства, а Виктор Ефремовски е на делба на третата позиција по постигнати тројки на еден меч, со осум против Грузија во 2014 година.


