Поранешниот селектор на македонската репрезентација, сега на истата функција во Грузија, Александар Ѓикиќ денеска со својата селекција доживеа пораз од 41 разлика од Грција (53-94) во третото коло од Европското првенство.
Грузијците имаат многу проблеми со составот на овој шампионат, но интересно беше објаснувањето на Ѓикиќ по дебаклот. Тој рече дека свесно калкулирал со цел неговата репрезентација да биде подготвена за последните два меча од групата кои треба да ги детерминираат патниците во нокаут фазата.
„По мечот со Италија, имавме две опции – денеска да играме со 100% од можностите или да се обидеме да ги сочуваме играчите здрави за последните два натпревара. Се одлучивме за втората варијатна. Беше грдо, не ми се допаѓа тоа, а не им се допаѓа ни на моите играчи, но борба до крајот денеска сигурно немаше да биде најпаметна одлука и морав да калкулирам. И максимално ангажирање против репрезентација како Грција не гарантира победа, вака барем ги одморивме кошаркарите“, објасни Ѓикиќ.
Грузија го почна првенството со сензационална победа против европскиот шампион Шпанија, но потоа загуби од Италија и Грција. Во последните две кола се среќава со аутсајдерите во групата Кипар и БиХ и две победи ќе ја однесат во нокаут фазата, но пораз од БиХ најверојатно ќе значи освојување на петтото место. Проблематична е и здравствената состојба со лидерот на тимот Торнике Шенгелија кому му беше дијагностицирана аритмија пред почетокот на првенството, но Ѓикиќ за него одби да зборува денеска.


