Откако во последните пет кола пропушти сам да решава за својот статус и да обезбеди пласман во плејинот од Евролигата, Партизан денеска ќе очекува милост од својот најлут ривал Црвена Звезда со кого последните години не води кошаркарски битки, туку вистински војни и на и надвор од терените.
Колку и да им е под честа, сите навивачи на Партизан денеска потајно ќе се надеваат дека Звезда да направи чудо и ќе го победи Анадолу Ефес во Истанбул и покрај тоа што на „црвено-белите“ овој натпревар не им е од никакво резултатско значење. Одамна е јасно дека Звезда ќе ја заврши сезоната во Евролигата на 16. позиција, а за своето место во неа за идната натпреварувачка кампања ќе одлучува преку АБА лигата каде веројатно ќе мора да се соочи со Партизан.
Против актуелниот АБА шампион е и традицијата во дуелите меѓу Анадолу Ефес и Звезда која вели дека белградскиот тим никогаш не го победил својот ривал во Истанбул. Единствена сламка надеж е тоа што Звезда е единствена која успеа да го победи Фенербахче на негов терен, па можеби ќе има сили (желбата е дискутабилна) да направи чудо.
Ако дојде до такво нешто и Звезда победи во Истанбул, Партизан утре пред своите навивачи ќе треба да ја победи Валенсија и да го освои десеттото место. Ако не, утрешниот меч ќе биде од ревијален карактер и генерална проба пред почетокот на плејофот во АБА лигата. Натпреварот во Истанбул се игра од 19:30 часот.


