Прпват откако пред три недели беше трејдуван во Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ ќе се соочи со својот поранешен тим Далас Маверикс во кој ја почна својата кариера и играше седум години.
Екипата од Тексас вечерва, односно рано изутрина по средноевропско време гостува во Крипто арената и Словенецот првпат ќе биде на спротивната страна. Имајќи го предвид начинот на кој беше трејдуван или избркан од Далас, јасно е дека Дончиќ вечерва ќе има екстра мотивација да одигра на највисоко ниво и да му помогне на својот тим да дојде до победа.
Новиот играч на Лејкерс полека ја крева својата форма и во текот на викендот постигна 32 поена во дуелот со Денвер. Дополнителна мотивација може да му биде евентуалното присуство на генералниот менаџер на Далас, Нико Херисон кој сам призна дека бил главен иницијатор на трејдот и имал свои причини да го тргне Дончиќ од Мавс.
Натпреварот во Лос Анџелес привлекува големо внимание, а билетите достигнаа цена и од 15 илјади долари. Дури и кошаркарот на Минесота, Ентони Едвардс откри дека ќе купи влезници бидејќи во живо сака да ја гледа пресметката на Лејкерс и Далас.


