Македонската кошаркарска репрезентација доживеа пораз во првото коло од квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Како и пред четири години, во Скопје подобра беше Естонија која славеше со 74-69 и максимално ни ја отежна работата во борбата да стигнеме до првиот Еуробаскет по пауза од една деценија. Со оглед на тоа што игравме на домашен терен и имавме големи очекувања, ова е пораз во можеби најважниот натпревар во овие квалификации иако Ненад Димитријевиќ во најавата за овој меч рече дека остануваат уште пет дуели во кои може да се бара шансата.

Разочарувањето е поголемо бидејќи Македонија одигра одлично прво полувреме во кое имаше и девет поени предност, а на голем одмор замина со 43-36. Беспрекорно функционираше одбраната, а во нападот се истакнаа Димитријевиќ, Хап и Ѓуроски кои заедно постигнаа 36 поени.
Проблемите дојдоа на стартот од второто полувреме. Заедно со последниот напад од првото, Естонија направи серија од 11-0 и по само три минути игра веќе го презеде водството (45-43). Македонија го издржа тој удар и ја врати предноста (53-49) за повторно Естонија со серија од 9-0 да ја преземе контролата над резултатот.

Дополнителен удар за нашата репрезентацијата беше повредата на Ненад Димитријевиќ на седум минути пред крајот на мечот при водство на Естонците од 59-56. Подоцна тој се врати во игра, но на 100 секунди пред крајот противникот направи двоцифрена предност (72-62) и успеа да дојде до почетната победа.
Димитријевиќ беше најефикасен со 25 поени, но Македонија доби одличен центар во Итан Хап кој на своето деби оствари дабл дабл со 18 поени и 10 скока и индекс 30. Една од најважните причини за поразот е доминацијата на Естонците во скокот имајќи предвид дека остварија 10 повеќе и имаа 13 офанзивни скокови повеќе. Вториот меч од циклусот го играме в понеделник, на гости кај Полска која во првото коло загуби од Литванија.


