Денеска официјално почнува втората претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство во 2029 година, а македонската репрезентација е слободна во првото коло.
Системот на ФИБА е таков што во секоја од четирите групи има по три репрезентации и во секое коло, една од нив е слободна. Македонија својот настап ќе го почне в недела во Виена каде ќе тргне утре напладне.
Пред заминувањето, националниот тим ќе тренира уште денеска во Скопје, а од 18 часот ќе следи што ќе се случува во Лимасол каде Кипар ќе ја пречека Австрија. На хартија, Кипар е најголем аутсајдер во групата, но минатата недела одигра пријателски меч со Грција и загуби со само седум разлика што веројатно ја крева самодовербата кај кошаркарите пред дуелот со Австрија.
Стручниот штаб на македонската репрезентација ќе има можност да го проследи натпреварот во Лимасол, а потоа и да направи скаутинг на играта на Австријците. Исходот од денешниот меч ќе има големо влијание за натамошниот дел од претквалификациите.


