Неверојатната серија на дебитантот во Евролигата, Париз продолжи и вечерва, на гостувањето кај Анадолу Ефес.
Францускиот вицешампион славеше со 93-84 за седма победа во низа во елитното натпреварување, најдолга од сите екипи. Париз почна одлично, поведе со 15-4, подоцна неговата предност се стопи, но во второто полувреме гостинскиот тим повторно направи разлика која не ја испушти до крај.
Ти Џеј Шортс повторно беше најдобар поединец на теренот и уште еднаш покажа каков хендикеп е неговото отсуство за македонската репрезентација. Натурализираниот Македонец оствари дабл дабл со 21 поен и 10 скока за индекс 26, највисок на натпреварот.
Париз сега е на второто место на табелата во Евролигата со само една победа помалку од лидерот Фенербахче.


