Далас Маверикс се разделува со Џејсон Кид, објави Шамс Чаранија од ESPN. Одлуката е донесена со заедничка согласност, според соопштението на франшизаата, но иницијативата била на новиот претседател на Мавс, Масаи Уџири.
Кид, кој минатата година потпиша продолжување на договорот со Далас и кој треба да заработи повеќе од 40 милиони долари, беше ослободен откако новиот претседател Масаи Уџири и сопственикот на тимот Патрик Думон заеднички донесоа одлука да се разделат со тренерот, а Кид немал ништо против тоа.
„Џејсон имаше значително влијание врз Далас Маверикс и како член на Куќата на славните и како главен тренер кој помогна оваа франшиза да се врати во финалето на НБА. Благодарни сме за лидерството на Џејсон, неговиот професионализам и неговата посветеност на тимот. Во мојот краток престој тука, развив огромна почит кон она што го изгради. Тој секогаш ќе биде важен дел од семејството Маверикс“, рече Уџири.
Кид, икона на франшизата во Тексас и клучен член на шампионскиот тим во 2011 година, помина пет сезони како тренер на Мавс, составувајќи биланс од 205победи и 205 порази. Во својата прва година како главен тренер, тој ги предводеше Мавс до финалето на Западната конференција во 2022 година. Две години подоцна, тие стигнаа до финалето на НБА, но на крајот загубија во пет натпревари од Бостон Селтикс.
Кид ја заврши својата последна година со Мавс со скромни 26 победи, бидејќи франшизата не успеа да ги оправда очекувањата за конкурентност по минатогодишната разделба за Лука Дончиќ. Со заминувањето на Кид од организацијата, Мавс сега се обидуваат да изградат сосема нова ера предводена од Купер Флег, актуелниот дебитант на годината и еден од најталентираните млади играчи на планетата.


