МКК Куманово утре првпат во својата историја ќе учествува во Суперкупот на Македонија, како финалист во Купот од минатата сезона.
Практично, кумановци ќе бидат во улога на предизвикувачи на МЗТ Скопје, доминантната сила во македонската кошарка последните 15-тина година, а особено во последните четири сезони во кои освоија се што можеше да се освои. Марин Докузовски ќе се обиде да ја прекине хегемонија на својот поранешен клуб и да му одземе уште еден трофеј, како што тоа го правеше на клупата на Работнички.
„Нема поубава проба пред почетокот на првенството. Дополнително се слави и 80 години од кошарката во Куманово. Очекувам спектакл, да биде полна салата, ние сме спремни да дадеме се од себе, па подобриот нека победи. Од ден на ден ќе ги корегираме недостатоците, нормално е, почеток на сезона е се уште не сме воиграни како што треба, очекувам од натпревар во натпревар да играме се подобро, затоа што навистина добро тренираме, но сепак 20 и нешто дена тренираме, не е доволно за топ форма, но имаме добар ростер, борбени играчи, очекувам да играме максимално агресивно во одбрана и публиката во Куманово да биде задоволна од нашето претставување, изјави Докузовски.
Натпреварот од Суперкупот на Македонија кој го носи имет „Драган Василов – Цевка“ се игра утре од 18 часот во Спортската сала во Куманово, па составот на Докузовски ќе има и поддршка од своите навивачи.


