Екипата на Маџари израмни на 1-1 во полуфиналната серија од Втората лига и се избори за „мајсторка“ против Шкупи која ќе одлучи кој тим ќе обезбеди пласман во елитната конкуренција идната сезона.
Вечерва во Маџари, домашниот тим славеше со 81-70 и си ги продолжи надежите за историски успех – дебитантски настап во Првата лига. „Мајсторката“ ќе се игра на теренот на Шкупи, а победникот ќе му се приклучи на МКК Куманово кој вчера ја заврши својата работа и со 2-0 обезбеди пласман во финалето, а со тоа и место во најсилното кошаркарско друштво во земјава.
Најзаслужни за победата на Маџари вечерва беа браќата Карло и Паоло Блажевски. Првиот постигна 30, а вториот 19 поени или повеќе од половината на својот тим. Димитровски беше прв стрелец на Шкупи со 25 поени, но немаше соодветна помош од соиграчите.
„Мајсторката“, меѓу другото, ќе одлучи кој од двете македонски кошаркарски легенди – Тони Симиќ или Перо Блажевски ќе обезбеди пласман во Првата лига за идната сезона.


