Вицешампионот на Македонија, ТФТ го доживеа првиот пораз не само во АБА 2, туку воопшто оваа сезона откако вечерва загуби на домашен терен од Домжале со 83-84.
До денеска, тимот од Тафталиџе беше перфектен во двете натпреварувања во кои учествува бидејќи во домашното првенство е на 5/0, а во АБА 2 беше на 2/0 додека не загуби од словенечкиот претставник. Серијата од седум победи е најдолга во историјата на клубот кој од 2020 година игра во елитната конкуренција во Македонија.
Натпреварот помина во израмнета игра, со повеќе резултатски пресврти, а победникот се решаваше во последните секунди. Својата најголема предност, ТФТ ја имаше во втората четвртина кога поведе со 39-33, но шансата за триумф ја испушти на 97 секунди пред крајот кога поведе со 81-78. Домжале на -1 преку Долничар, а во следниот напад Ташовски промаши тројка по што гостите погодија три слободни фрлања и поведоа со 83-81. Говенс израмни, но во последниот напад направи лична грешка од која Долничар од пенал-линијата го постави конечниот резултат.
Некрунисана остана одличната партија на Говенс кој постигна 27 поени и 7 асистенции за индекс 32. Во четвртото коло ТФТ ќе има тешка задача кај редовниот учесник во АБА 2, Широки на гостински терен.


