Суперѕвездата на Далас Маверикс, Лука Дончиќ влезе во историјата на НБА лигата како прв европски кошаркар кој ја завршил сезоната како најдобар стрелец.
Словенецот просечно постигнуваше по 33,9 поени на натпревар и ја оддува конкуренцијата имајќи предвид дека на второто место заврши Јанис Адетокунбо со 30,4, а трет е Шеј Гилџес-Александер со 30,3 поени по натпревар. Покрај феноменалниот поентерески ефект, Дончиќ има просек и од 9,8 асистенции и 9,2 скока по натпревар. Во исто време, тој е најмлад играч што ја освојува титула за најдобар стрелец во последните 12 години, по Кевин Дурант во 2012.
Во последните 30 години само Џејмс Харден и Коби Брајант имале подобри поентерски сезони од Дончиќ, првиот во два наврата (36,1 и 34,3), а вториот еднаш (35,4). Покрај него, само уште еден кошаркар кој не потекнува од САД бил најдобар стрелец во основниот дел од сезоната – Жоел Ембид.


