Години наназад, Лука Дончиќ е редовен учесник на големите натпреварувања во дресот на словенечката репрезентација и покрај згуснатиот распоред во НБА.
Исклучок нема да биде ни претстојното Европско првенство што се игра во 2025 година, а на кое Словенија веќе обезбеди пласман. Суперѕвездата на Далас Маверикс планира да го предводи националниот тим, а во очекување е дали Словенија ќе ја добие организацијата на Еуробаскетот во 2029.
„Секако дека ќе играм на Европското првенство. Уживам кога настапувам за мојата држава без разлика за што станува збор и така ќе остане. Ако ја добиеме организацијата на Еуробаскетот во 2029 година, тоа ќе биде остварување на моите сништа – да настапам за репрезентацијата пред нашите навивачи“, рече Дончиќ.
Словенија е европски шампион од 2017 година, но оттогаш не освои ниеден медал на големите натпреварувања. Најблиску беше на Олимписките игри во Токио кога заврши на четвртото место.


