Лука Дончиќ не успеа да дојде до шампионската титула во своето прво НБА финале, но секако постави граници кои тешко ќе бидат достигнати во иднина.
Иако со неколку повреди, кои го оневозможија да игра на највисоко ниво, словенечкиот ас одигра фантастично во плејофот и е најзаслужен што Далас стигна до големото финале, првпат по 13 години. Меѓу другото, има историски ефект во плејофот бидејќи стана прв играч во постоењето на НБА кој бил најдобар во најважните статистички категории.
Постигна 607 поени, 135 повеќе од вториот стрелец во плејофот (Кајри Ирвинг), оствари 196 скока, 20 повеќе од вториот (Џејсон Тејтум), 173 асистенции, 50 повеќе од вториот (Тајрис Халибартон) и 38 украдени топки, 14 повеќе од вториот (Ентони Едвардс).
На сето ова, на теренот помина најмногу минути (856), 18 повеќе од второпласираниот Кајри Ирвинг, додека на третото место е уште еден играч на Далас, Пи Џеј Вашингтон со 750.


