Најдобриот играч на Далас, Лука Дончиќ одигра уште еден извонреден натпревар и е најзаслужен за новата победа на неговиот тим.
Маверикс славеа на гостувањето кај Бруклин со 119-107, а Дончиќ за малку не стигна до трипл-дабл бидејќи постигна 35 поени, 18 скока и 9 додавања. Поради неговата фантастична игра, во еден момент присутните во арената му скандираа „МВП“ што не се случува често на гостински терен. Од вчера тој е лидер на листата на стрелците со просек над 34 поени и ова е негова голема шанса да стигне до големото признание.
Решавачко беше првото полувреме кое Далас го доби со 65-47, па во второто само ја сочува предноста. Дончиќ имаше голема помош од својот соиграч Кајри Ирвинг против својот поранешен тим постигна 36 поени и беше најефикасен играч на мечот.
Бриџис го предводеше Бруклин со 28 поени, но неговиот тим го претрпе третиот пораз во последните четири натпревари и остана на 11. позиција со биланс 20/30 и две победи помалку од десеттопласираната Атланта.
РЕЗУЛТАТИ
Индијана – Хјустон 132-129
Бруклин – Далас 107-119
Мајами – Орландо 121-95
Њујорк – Мемфис 123-113
Чикаго – Минесота 129-123
Јута – Оклахома 124-117
Феникс – Милвоки 114-106


