Словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ го потврди своето присуство на меморијалниот натпревар посветен на Дражен Петровиќ кој ќе се одржи на 5 септември во Загреб, но нема да се појави на теренот.
Иако кај него постои желба да игра, кошаркарот на Далас Маверикс мора да ги почитува правилата на НБА. Не се работи за осигурување или нешто слично, туку за фактот што натпреварот во загрепската Арена ќе се игра на специјален терен со ЛЕД светла, а на НБА кошаркарите им е забрането да учествуваат на такви натпревари кои не се во организација на лигата.
Со сличен проблем се соочија организаторите на прошталниот натпревар на Горан Драгиќ во Љубљана минатиот викенд, но за да излезат во пресрет и спектаклот да биде збогатен со НБА ѕвездите, во последен момент беше одлучено да се игра на „нормален“ терен, па таму играа и Лука Дончиќ, Никола Јокиќ, Богдан Богдановиќ итн. За натпреварот во Загреб, истото важи и за Ивица Зубац и Дарио Шариќ кои ќе бидат дел од хрватската репрезентација, но ќе останат на клупа.
Мечот во Загреб се организира по повод 60-годишнината од раѓањето на Дражен Петровиќ. Да беше жив, кошаркарскиот Моцарт би навршил 6 децении на 23 октомври, но 5 септември е единствен слободен термин пред стартот на сезоната во Европа и НБА.


