Лука Дончиќ со одлична партија ја предводеше екипата на Лос Анџелес Лејкерс до убедлива победа од 127-105 против Голден Стејт Вориорс, во еден од најинтересните натпревари од вториот ден на новата сезона во НБА-лигата.
Словенечкиот кошаркар ја започна сезоната во голем стил, завршувајќи го натпреварот со 28 поени, осум скока и седум асистенции. Дончиќ уште од почетокот ја презеде одговорноста во нападот, а натпреварот го одбележа и со атрактивна тројка од речиси половина терен во последните моменти од првото полувреме.
Лејкерс имаа контрола врз резултатот, но клучната разлика ја направија во третата четвртина, која ја добија со убедливи 36-16. Предноста во еден момент достигна и 35 поени, па последните 12 минути беа само формалност.
Одличен натпревар одигра и Вокер Кеслер, кој во своето деби за тимот од Лос Анџелес постигна 26 поени, со совршен учинок од игра – 12 погодени од 12 обиди. Тој додаде и девет скока, додека Остин Ривс придонесе со 23 поени.
Кај Голден Стејт, Стеф Кари беше најефикасен со 23 поени, од кои 20 ги постигна во првото полувреме. Сепак, Вориорс немаа одговор за налетот на домаќините по паузата и ја започнаа сезоната со убедлив пораз.
Големо внимание привлече и првиот официјален натпревар на Јанис Адетокунбо во дресот на Мајами Хит. Грчката ѕвезда дебитираше со 35 поени и шест скока, но неговиот тим загуби убедливо од Минесота Тимбервулвс со 106-131.
Гркот беше најефикасен во својот состав и покажа дека може да биде огромно засилување за Мајами, но на спротивната страна се најде расположената Минесота, предводена од фантастичниот Ентони Едвардс.
Американскиот кошаркар одигра спектакуларен натпревар со 45 поени и 10 скока, носејќи ја Минесота до убедлив триумф. Така, одличното индивидуално деби на Адетокунбо остана во сенка на поразот на неговиот нов тим.
РЕЗУЛТАТИ:
Вашингтон – Милвоки 128-116
Орландо – Атланта 125-132
Бруклин – Шарлот 103-110
Торонто – Чикаго 135-92
Мајами – Минесота 106-131
Њу Орлеанс – Индијана 120-123
Мемфис – Јута 123-103
Хјустон – Далас 128-110
Портланд – Феникс 124-83
ЛА Лејкерс – Голден Стејт 127-105
ЛА Клиперс – Сакраменто 121-96


