Словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ отворено проговори за една од најтешките одлуки во изминатата сезона, признавајќи дека неговата желба да продолжи да игра и покрај болката придонела за влошување на повредата и предвремен крај на сезоната за него.
Во интервју за „Спортс Илустрејтед“, кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс ја презеде одговорноста за тоа што не го напуштил теренот кога првпат почувствувал проблем со задната ложа на левата нога, на натпреварот против Оклахома Сити во април.
„Кога станува збор за мојата желба за победа, понекогаш сум премногу тврдоглав. Уште во првото полувреме почувствував дека треба да застанам. Требаше да излезам од игра“, призна Дончиќ.
На споменатиот натпревар Лејкерс губеа со 31 поен разлика на полувремето. И покрај непријатноста во задната ложа, Дончиќ продолжи да игра, но на почетокот на третата четвртина ја влошил повредата, која подоцна била дијагностицирана како истегнување од втор степен. Тоа значеше крај на неговата сезона и отсуство од целосниот плејоф за тимот од Лос Анџелес.
„Навистина жалам за таа одлука“, додаде словенечкиот кошаркар, кој смета дека Лејкерс имале квалитет да се борат за шампионскиот прстен.
Лејкерс успеаја да го елиминираат Хјустон во првото коло од плејофот, но потоа беа убедливо поразени од Оклахома Сити во полуфиналето на Западната конференција. Дончиќ, кој во регуларниот дел од сезоната бележеше просек од 33,5 поени по натпревар, не можеше да му помогне на својот тим во најважниот дел од сезоната.
Во големото интервју за „Спортс Илустрејтед“, Дончиќ зборуваше и за поранешниот соиграч Леброн Џејмс, со кого имаше краток период заедничка игра во Лејкерс.
„Ме остави да бидам тоа што сум, и многу го почитувам тоа“, рече Дончиќ, истакнувајќи дека уживал во соработката со легендарниот кошаркар. Тој верува дека Лејкерс можеле да направат многу повеќе во плејофот доколку повредите не ги погоделе него и Остин Ривс.
Сега Дончиќ се подготвува за новата сезона, во која ќе има уште поголема одговорност како лидер на Лејкерси. Словенецот е убеден дека тимот има потенцијал за големи нешта, но неговото најголемо сознание од претходната сезона е дека желбата за победа понекогаш мора да отстапи пред разумната процена на сопствената физичка состојба.


