Лука Дончиќ извесно ќе биде најдобар стрелец на Европското првенство и покрај тоа што неговиот најблизок следбеник Јанис Адетокунбо има уште два натпревара.
На грчкиот репрезентативец му недостасуваат 94 поени на овие два меча за да го стигне Дончиќ што секако е невозможно, па секако кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс првпат во својата кариера ќе го освои признанието за најдобар стрелец. Но, многу пофантастично од самата награда е начинот на кој што ќе дојде до неа.
Дончиќ има просек од 34,7 поени по натпревар што е трет најдобар ефект во 90-годишната историја на континенталните шампионати. Подобар од него е само Никос Галис и тоа во два наварата: во 1989 година со просек од 35,6 и во 1987 со апсолутниот рекорд од 37 поени по натпревар.
Галис на дури четири европски првенства имал просек од над 30 (поточно над 32) поена по натпревар и до овој шампионат беше единствен што ја минал магичната граница. Најблиску до него беше неговиот сонародник Јанис Адетокунбо кој на претходниот шампионат постигнуваше по 29,3 поени. Дончиќ е прв кошаркар во 21. век кој имал просек од над 30 поени на европско првенство што е неверојатен напредок од, на пример, Пау Гасол кој во 2009 година беше најдобар стрелец со 18,7 или Тони Паркер во 2013 со 19 поени по натпревар.


