Репрезентацијата на Полска со голема победа го почна Европското првенство откако вечерва ја победи Словенија со 105-95.
Со поддршка од преполните трибини во Катовице, Полјаците во ниеден момент не го доведоа во прашање својот триумф, а со него најавија борба и за првата позиција во својата група. Полјаците имаа повеќе расположени кошаркари, на моменти мала помош и од судиската тројка, но факт е дека апсолутно заслужено ја победија Словенија.
Гостите на овој натпревар беа конкурентни во првото полувреме, постојано беа блиску до својот ривал, а во тие 20 минути го имаа и единственото водство на мечот (46-45). Кризата почна кон средината на третиот период кога Полска направи серија од 8-0 за водство од 13 поени (62-49) која Словенија подоцна не успеа да ја достигне. Најмногу што успеаја да направат европските шампиони од 2017 година е да се доближат на седум поени разлика, но не и да ја загрозат победата на противникот.
Полјаците ги имаа фантастичните Џордан Лојд и Матеуш Понитка кои беа најзаслужни за триумфот, првиот со постигнати 32, а вториот 23 поени, додека Лука Дончиќ беше апсолутен лидер на словенечката репрезентација. Мечот го заврши со 34 поени (половина од линијата за длободни фрлања), а додаде уште девет асистенции и четири скока за индекс 42.


